Gen Z и Gen Alpha во лавиринтот на даночниот систем

elizabeta_cingarovska_finpro

Како мајка на две деца, денес веќе млади луѓе на 25 и 22 години, имам можност одблиску да видам како новите генерации Gen Z и Gen Alpha се соочуваат со даноци и економија, заработуваат и се обидуваат да си го пронајдат местото во економијата. Тие не чекорат по истите патеки како нашите генерации – нивниот прв приход не е преку класична плата или работа „од девет до пет“. Сведоци сме дека Gen Z и Gen Alpha заработуваат преку фриленсинг, TikTok, YouTube, криптовалути или gaming. Она што за нас изгледаше како забава, за нив стана сериозен извор на приходи. За многумина, овие извори на приход се првата вистинска шанса за финансиска независност – без традиционална канцеларија, без фиксно работно време, па дури и без шеф.

Судир со традиционалниот даночен систем

Но, токму тука почнува проблемот. Нашиот даночен систем е дизајниран пред се за класични работни односи – за плата со трансакциска сметка, договор за вработување и јасно дефиниран работодавач. Сè што излегува од таа рамка станува потенцијална „сива зона“. Фриленсер кој издава фактури на странски клиенти, инфлуенсер кој добива приходи од реклами преку платформи или млад човек кој тргува со крипто – сите тие се соочуваат со прашањето, кое многу често ми се поставува и мене, пред се од млади луѓе, како на пример: каде да го пријавам ова, како да ја докажам заработката во овој дигитален свет, кои трошоци се признаваат итн.

Парадоксално, генерациите кои најбрзо се адаптираат на глобалната дигитална економија, најмногу се судираат со системи дизајнирани за индустрии од 20-тиот век. Оваа несразмерност создава не само правна и административна конфузија, туку и ризик дека државата губи потенцијален приход, а младите граѓани се ставаат во позиција на несигурност, па дури и страв од казни за нешто што е нивна легитимна работа.

Она што најмногу загрижува е дека ваквата несигурност и недефинираност често ги тера младите да донесат една од најтешките, но и најчестите одлуки – да се иселат. Во странство гледаат јасни правила, предвидлив систем и третман што им признава дека се дел од современата економија.

Како реагираат другите земји?

Во Естонија, на пример, дигиталните професии одамна се препознаени. Таму секој фриленсер самостојно може онлајн да регистрира „solo company“за неколку часа, да издава фактури низ цел свет и автоматски да плаќа придонеси и даноци преку дигитална платформа.

Естонија има усвоено Дигитална Агенда 2030, од Министерството за економски прашања и комуникации на Естонија уште во 2021 година. Таа вклучува визија и акциски план за развој на економијата, државата и општеството на Естонија со помош на дигиталната технологија во следната деценија.

Естонската Дигитална Агенда 2030 има дефинирани приоритети на долг рок,  во врска со развојот на дигиталните компетенции, обезбедување доволен број ИКТ професионалци на соодветно ниво, вклучувајќи и специјалисти за сајбер безбедност.

Во Хрватска, пак, државата има воведено посебни даночни решенија за инфлуенсери и фриленсери. Тие можат да пријават приход од YouTube или TikTok како „самостојна дејност“, а истовремено имаат јасни упатства кои трошоци може да ги признаат како деловни.

Во Германија, младите кои заработуваат од gaming или streaming се регистрираат како „freiberufler“ (самостојни професионалци), што им овозможува транспарентно да ја пријават заработката, без да се третираат како класични фирми со високи административни обврски.

Состојбата во Македонија

Последниве години во Македонија значително порасна бројот на луѓе кои работат како фриленсери во ИТ индустријата, пред се. Тие со своите знаења и вештини успеваат да работат за компании и клиенти од целиот свет, носејќи свеж прилив на девизи во земјата. Но, прашањето што секогаш се поставува е: како се оданочуваат нивните приходи?

Во Македонија, даночната рамка е јасна, но често недоволно објаснета на граѓаните. Приходите на фриленсерите се оданочуваат согласно Законот за личен доход, според кој секој што остварува примања – без разлика дали се од домашни или странски извори – е должен да ги пријави во Управата за јавни приходи, до 15-ти во тековниот за претходниот месец. Доколку работата е континуирана и личи на „самостојна дејност“, таа може да се регистрира преку правен субјект-трговско друштво или самостоен вршител на дејност и соодветно да се оданочи.

Дополнително, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување предвидува дека во одредени случаи, во случај на регистрирана дејност, освен данокот на личен доход, мора да се платат и придонеси за пензиско и здравствено осигурување. На ова се надоврзува и Законот за даночна постапка, кој ги уредува сите чекори за пријавување и плаќање на даноците преку електронски системи.

Што недостасува за младите фриленсери?

Она што е важно за фриленсерите во ИТ индустријата е и фактот дека Македонија има потпишано меѓународни договори за избегнување на двојно оданочување со голем број држави. Тоа значи дека ако данокот е платен во земјата каде што клиентот е регистриран, приходот нема потреба да се оданочи двапати. Но, за ова има посебна постапка пред даночниот орган.

Иако правната рамка постои, во пракса останува впечатокот дека државата недоволно прави за да им помогне на фриленсерите. Наместо јасни упатства и едукација, честопати се остава простор за несигурност и страв од казни. А токму фриленсерите од ИТ индустријата се еден од ретките сегменти што реално придонесуваат за задржување на младите во земјата и за поголем економски прилив.

Заклучок: патот напред

Фриленсерите од ИТ индустријата претставуваат динамичен и растечки сегмент на економијата. Тие носат нови можности за земјата и ја зајакнуваат врската со глобалниот пазар.  Затоа, доколку Македонија сака да ја задржи оваа динамична и растечка индустрија, потребно е да обезбеди не само јасна законска рамка, туку и транспарентни, едноставни решенија кои ќе им овозможат на фриленсерите да работат без непотребна бирократија и несигурност, а секако и стимулативни фискални политики за младите луѓе. 

Елизабета Чингаровска – финансиски експерт

Scroll to Top