Завршува ерата на евтина даночна понуда

elizabeta_cingarovska_finpro

Досега многу мали земји се натпреваруваа со ниски даночни стапки за да привлечат странски компании. Со глобалниот данок, оваа предност се намалува, што значи дека Македонија ќе мора да нуди и други услови – стабилни институции, предвидливи правила, квалификувана работна сила.

Даноците не се само инструмент за прибирање приходи – тие се алатка за економски развој и конкурентност. Ако се стремиме кон европски стандарди, мора да градиме и развиваме систем кој е транспарентен, дигитализиран и фер.

Во последната деценија даночните системи на Балканот и во Европската унија се соочуваат со слични предизвици поврзани со дигитализација, глобализација и потребата од фер распределба на даночниот товар. И додека земјите од ЕУ брзо се движат кон усогласување со глобалниот минимален данок и воведување на зелени даноци, земјите од нашиот регион фокусот го ставаат на дигитални алатки за борба со сивата економија и навремено собирање на приходите. Поставувањето на вистинската рамнотежа меѓу фискална дисциплина и поддршка на економскиот раст е предизвик со кој се соочуваме сите. Прашањето е што можеме да научиме од искуствата на земјите од ЕУ и како тие да се применат локално ?

Европската унија од 2024 година ја започна имплементацијата на глобалниот минимум данок од 15% за мултинационалните компании со приходи од над 750 милиони евра. Ова е чекор кон ограничување на даночната евазија и преместувањето на профитите во земји со ниски даноци. Целта е да се спречи мултинационалните компании да го префрлаат профитот во “даночните оази’ и да се создадат пофер услови за конкуренција. Да се потсетиме како функционира овој данок ? Ако мултинационалната компанија плаќа ефективен данок помал од 15% во некоја земја, другата земја каде што има активности може да ја надомести таа разлика.

На прв поглед се чини дека глобалниот данок изгледа како тема која нема голема поврзаност со нашата економија. Причината е очигледна – земјата нема седиште на големи мултинационални компании кои би биле директно засегнати од оваа меѓународна мерка. Но, вистинската слика е поинаква, влијанието е индиректно, но реално. За малите економии, како нашата, предизвикот е двоен: да се остане конкурентен за странските инвеститори, но и да се обезбеди фер даночен третман.

Со воведување на овој данок, се губи интересот на компаниите да ги префрлаат профитите во земји со минимален данок, што директно влијае на интересот за инвестирање во земјите со даночни поволности. Ниските даноци претендираат да го изгубат влијанието, односно не се фактор во привлекувањето на инвестициите. Глобалниот минимум данок е еден од најголемите даночни проекти во последните децении, кој ја менува играта на мултинационалните компании и ги насочува земјите да бараат нови начини за привлекување на инвестиции. Тоа значи дека конкурентноста нема да се мери само преку даночните стапки, туку пресудна улога ќе има квалитетот на услугите од институциите, предвидливоста на политиките (правната сигурност), како и дигиталната подготвеност на администрацијата. Малите економии ќе мора да се натпреваруваат со транспарентност, дигитализација на админитрацијата и предвидливост, а не само со ниски даноци.

Ваквиот развој на настаните во меѓународната даночна политика, директно ќе има импликации и врз македонската даночна стратегија која ќе мора да дефинира нов курс со цел да ја задржи атрактивноста во привлекувањето на странските инвестиции.

Од аспект на инвестициската клима, досега многу мали земји меѓу кои и Македонија се натпреваруваа со ниски даночни стапки да привлечат странски компании. Со глобалниот данок, оваа предност се намалува, што значи дека земјава ќе мора да најде начин да ја зголеми својата атрактивност со понуда на други решенија , како што се стабилни институции, предвидливи правила, квалификувана работна сила.

Иако мултинационалните компании немаат седиште во земјава, многу од нив работат преку подружници или снабдувачки синџири. Новите правила може да ги натераат да ги преиспитаат своите стратегии и присуство во регионот.

Во делот на буџетски приходи, во перспектива, дел од глобалниот данок би можел да се распределува и кон земји каде што компаниите остваруваат приходи. Тоа отвора можност Македонија да добие дополнителни средства, ако правилно се позиционира.

Кај нас, Законот за минимален глобален данок е објавен Службен весник во јануари оваа година. Потенцијални обврзници за овој данок се околу педесетина домашни компании, основани од големи мултинационални корпорации. Прва компанија која се огласи дека ќе го плати овој данок е Костал од Охрид.

Оттука, мора серизно да се подготвиме за даночна реформа, каде глобалниот данок нема да го перципираме само како далечна економска тема, туку сигнал дека ерата на евтина даночна понуда завршува. Македонија мора да размислува и да се позиционира стратешки, преку стабилни правила на игра, транспарентност и подобар бизнис амбиент, ако сака да остане атрактивна за странски компании.

Елизабета Чингаровска – финансиски експерт

Scroll to Top